„Лице в лице“ заедно со „Преспав“ ја започна кампањата „Посреќна 2021! за сите“


Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ која има за цел да ги приближи своите читатели, ја стартува кампањата преку која ги повикува поддржувачите да станат членови на дигиталната „Лице в лице“ заедница и заедно да се движат кон промените во 2021 година.

Како што информираат од  тимот на „Лице в лице“ преку веб платформата списанието има за цел да ја активира заедницата одговорни граѓани, институции, компании, кои станувајќи членови, придонесуваат во инвестицијата за подобро општество: социјална инклузија, социјална економија, независно и „solution“ новинарство, кое има за цел да посочи на успешни решенија и алтернативи кои значат унапредување на целокупната општествена клима.

– Со новата веб платформа, овозможено е да се поддржи продавач, но, и да се влијае продавачите на „Лице в лице“ да бидат дел од програма која ќе ги однесе неколку чекори поблиску до пазарот на труд. Како и да се даде поддршка на процесот на работна интеграција преку социјално менторство кое ќе се погрижи да се подобрат дигиталните вештини на продавачите и развојот на нивните индивидуални потреби и таленти, истакнаа од „Лице в лице“.

Иницијативата има за цел да ги обедини јавните личности, а првичниот импулс е од актерите во ситкомот „Преспав“ чија нова сезона започнува на 18 декември.

-Наскоро од печат излегува 43. издание на „Лице в лице“, кое e посветено на човековите права, а на чија насловна страница се актерите на „Преспав“, серија која на хумористичен начин ги идентификува општествените аномалии, стои во соопштението од списанието.

Велат  дека со намалената циркулација на луѓе во кафулињата, продавачите на „Лице в лице“ речиси и да немаат продажба, а поради тоа, ниту средства за основна егзистенција, како и дека ваквите предизвици се двојно потешки за ранливите сограѓани.

-Затоа, креиравме решенија кои ќе одговорат на нивните индивидуални потреби, а истовремено, ќе ја активираат заедницата и онлајн, потенцираат од „Лице в лице“.