Либија на раб на војна: Рафинериите затворени, Русите и Американците стојат зад сè
Блокадата на либиските нафтени капацитети беше проширена во средата, бидејќи лидерите од источниот дел на земјата побараа од западните власти да се повлечат поради смената на гувернерот на централната банка, клучна позиција во земјата каде што контролата на приходите од нафта е најголемата награда за сите фракции.
Властите на истокот, каде што се наоѓаат повеќето нафтени полиња во Либија, во понеделникот соопштија дека целото производство и извоз ќе бидат стопирани, иако некои пристаништа под нивна контрола работеа нормално во средата. Либиската нафтена корпорација ги контролира државните нафтени ресурси, но приходите од продажбата доаѓаат преку Централната банка на Либија (CBL) и потоа се дистрибуираат низ целата земја, без оглед на тоа која од завојуваните фракции ја контролира територијата. Но, кој колку ќе добије на крајот, сепак зависи од односот на силите.
Запирањето на производството на нафта во Либија се заканува повторно да ја зголеми глобалната цена на енергијата, стравуваат многумина. Откако западна во хаосот на граѓанската војна во 2011 година по соборувањето на Моамер Гадафи, земјата е поделена на два табора од 2014 година – владата во Триполи на запад и паралелната влада на исток. Оваа поделба доведе до конфликт и борба за контрола на клучните институции, вклучувајќи ја централната банка и приходите од нафтата.
Кризата околу контролата на либиската централна банка се заканува со нов бран на нестабилност во главниот производител на нафта. За да биде ситуацијата покомплицирана, завојуваните страни се поддржани од моќни странски играчи. Слично како Сирија – Турција и Русија се на спротивни страни, а Европската унија и Вашингтон ја поддржуваат меѓународно признатата влада во Триполи.