Либија и Венецуела главни теми на Советот на министри за надворешни на ЕУ


Луксембург – Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе одржат средба во Луксембург, на која главни теми на дневен ред се состојбата во Венецуела и тензиите во Либија, како и Авганистан и Украина.

Иако Либија не е формално на агенда, ескалацијата на конфликтот во оваа земја ќе биде една од главните теми на денешниот редовен состанок на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ. ЕУ веќе повика на смирување на состојбата во петокот и изрази „длабока загриженост“.

Воената офанзива на силите на генералот Калифа Хафтар врз либискиот главниот град Триполи досега однесе 21 животи и уште 27 лица се повредени, а насилство ескалира од ден во ден. Милитантната група Либиска национална армија (ЛНА) на Хафтар е обвинета од ривалските групи дека сака да воведе „нова воена диктатура“ во земјата.

Европската Унија веќе предупреди дека доколку не се смири ситуацијата, постои „сериозен ризик“ работите да „излезат од контрола“.

Министрите на ЕУ денеска ќе го разгледуваат ова прашање и ќе бараат начин да останат обединети околу него за да можат да извршат притисок врз сите инволвирани страни во либискиот конфликт за ставање крај на воената офанзива.

Шефовите на дипломатиите ќе се навратат и на состојбата во Венецуела, меѓу другото за одземањето на парламентарниот имунитет на лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо. Дипломатите во Брисел брифираат дека за земјите членки на ЕУ денеска ќе биде важно да се разговара за „инструментализацијата“ на конфликтот во Венецуела помеѓу Русија, која го поддржува претседателот Николас Мадуро и САД, кои го поддржуваат Гуаидо.

ЕУ има Контакт група за Венецуела, која за сега е добро прифатена од сите страни на терен. Групата се занимава со хуманитарна помош и поддршка за организирање нови избори, но е политички слаба.

Министрите денеска ќе ги разгледаат заклучоците на последните состанок на Контакт групата и ќе разговараат за следните чекори, при што санкциите се една од опциите на маса, иако на денешниот состанок не се очекуваат никакви одлуки.

Министрите за надворешни на ЕУ ќе одбележат и десет години од Источното Партнерство во кое членуваат Украина, Грузија, Азербејџан, Ерменија, Молдавија и Белорусија.

Шефовите на европските дипломатии ќе констатираат дека иако трговскиот аспект на ова Партнерство добро напредува, сѐ уште постојат сериозни слабости во делот на владеењето на правото и корупцијата, меѓу другото.

На дневен ред на Советот е и ситуацијата во Авганистан и мировниот процес во оваа земја.