Левица: Зад наводното проширување на евтината тарифа, РКЕ ќе ги зголеми сметките за струја
Регулаторната комисија за енергетика под раководство на Ацо Ристов почна медиумска кампања за наводно проширување на евтината тарифа, додека зад рекламата за „4 евтини часа“ се подготвува целосно прекројување на тарифниот систем, велат од партијата Левица преку соопштение.

Владејачкото мнозинство на ДПМНЕ, во регулаторната фотелја постави поранешен градоначалник од нивните редови и бизнис-партнер на Мицкоски во енергетскиот сектор, а сега од јавноста бара слепо да верува во неговите затворени пресметки. Независност не се докажува со изјава по именувањето. Таа се докажува преку целосно отворени податоци, јавни контакти, пријавени интереси и одлуки што секој граѓанин може да ги провери. Кај Ристов засега гледаме спротивна слика – партиската биографија е позната, деловното минато му е познато, компаниите се вклучуваат во подготовката на моделот, а математиката што ќе ја одреди сметката на народот останува скриена.
Ристов веќе најави дека во процесот ќе бидат вклучени производителите, операторите, институциите и другите учесници на енергетскиот пазар. Компаниите ќе добијат и период за техничко приспособување на системите, додека граѓаните засега добиваат уверување дека наводно навреме ќе бидат информирани. Енергетските друштва разговараат за сопствените трошоци, вишоци и деловни проблеми уште во фазата на подготовка, а оние што ќе ја плаќаат сметката треба да го чекаат готовиот модел. Таквиот процес ја претвора РКЕ од заштитник на потрошувачите во затворена преговарачка маса меѓу регулаторот и субјектите чии приходи истиот регулатор ги одобрува.
Левица бара РКЕ веднаш да ја отвори целата тарифна математика. Јавноста мора да го добие комплетниот модел во обработлив формат, со формулите, влезните податоци, берзанските проекции, проценетото домашно производство, очекуваната потрошувачка и сите сценарија што се разгледуваат. За секое енергетско друштво мора да биде објавено колкави трошоци побарало, кои ставки РКЕ ги признала, кои ги одбила и врз каква методологија е донесена одлуката.
РКЕ мора да изработи и јавно да прикаже споредбени сметки за секоја варијанта што ја разгледува. Граѓаните треба да видат колку ќе плаќа едночлено пензионерско домаќинство, четиричлено семејство, семејство што се грее на електрична енергија, работници кои се отсутни преку ден, социјално ранливи категории и мали бизниси. За секоја група мора да биде наведена разликата во денари меѓу сегашниот и предложениот систем. Само така ќе се открие дали „повеќето евтини часови“ навистина ја намалуваат сметката или само ја преместуваат скапата потрошувачка во друг дел од денот.
Левица бара и јавен регистар на сите средби на претседателот и членовите на РКЕ со ЕСМ, ЕВН, МЕПСО, МЕМО, трговците, производителите и нивните здруженија. Во регистарот треба да стојат датумот, учесниците, темата, доставените барања и документите што биле разгледувани. Ристов и останатите членови мора да ги објават своите сегашни и претходни деловни интереси, сопственички врски и потенцијални судири на интереси. Секој глас за новата тарифа треба да биде поединечно запишан и образложен, со име и презиме.
Го повикуваме Ристов да ги објави авторите, формулите, податоците, состаноците пред да го допре тарифниот систем. Сè додека народот не види кој добива, кој губи и колку ќе плати, ‘анализите’ на РКЕ остануваат параван за поскапување подготвено од партиски кадар на Мицкоски и напишано по мерка на енергетскиот бизнис“, се вели во партиското соопштение.