Левица: Ветуваа дека ќе го вратат името, а исчезна и „македонски народ“ од договорот со САД


Лидерот на Левица, Димитар Апасиев (Фото: Б. Грданоски)

Левица преку соопштение реагира на предлогот за ратификација на новиот билатерален договор меѓу Северна Македонија и САД, тврдејќи дека во неговиот текст се користи формулацијата „народот на Северна Македонија“ наместо „македонскиот народ“.

Од партијата велат дека станува збор за договор што Владата го предлага за ратификација, а спорната формулација, според нив, се наоѓа во делот што се однесува на заштитата на археолошкото и етнолошкото културно наследство.

„Ќе остане запаметено дека токму во времето на ДПМНЕ, партијата која со години ги делеше Македонците на „патриоти“ и „предавници“, која организираше протести, маршеви и кампањи против Преспанскиот договор и која на изборите ветуваше дека ќе го врати името, македонскиот народ исчезна од официјален меѓународен договор и стана „народ на Северна Македонија““, наведуваат од Левица.

Според партијата, ДПМНЕ сега го прифаќа она што во минатото го претставувало како неприфатливо, а новата формулација, како што оценуваат, покажува дека државната терминологија е целосно нормализирана и во меѓународните договори.

Левица го критикува раководството на ДПМНЕ дека, според нив, во опозиција ветувало промени во однос на Преспанскиот договор и името на државата, додека сега како власт ги прифаќа „меѓународните обврски“. Од партијата прашуваат што, како што велат, уште може да биде предмет на отстапки и какви нови формулации би можеле да се појават во идните меѓународни договори.

„Ако ДПМНЕ денес, без никаков проблем, може да предложи ратификација на договор во кој македонскиот народ е заменет со политичка конструкција создадена од новото државно име, тогаш имаме целосно право да прашаме што друго се подготвува зад затворени врати“, наведуваат од Левица.

Во соопштението партијата ја обвинува Владата и за, како што тврдат, приоритетно следење на странски интереси, при што посочуваат на странски инвестиции, субвенции, даночни поволности и користење на природните и јавните ресурси.

Левица заклучува дека ДПМНЕ, според нив, во јавноста се претставува како заштитник на националните интереси, но дека во односите со странските партнери се откажува од своите претходно поставени „црвени линии“. објави Скопје1.мк