Левица: Успешен третиот обид за надзорна расправа во Кочани


Фото: Б. Грданоски

На седницата на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот – со која претседава претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев –  усвоена е иницијативата за надзорна расправа за Кочани поднесена од истата партија.

Од Левица велат дека пратениците на ДПМНЕ и ЗНАМ повторно координирано се обиделе да го опструираат барањето за надзорна расправа и не присуствувале на комисиската седница.

„Ваквиот деструктивен обид на владејачкото мнозинство беше неуспешен, затоа што во овие случаи важат посебни деловнички одредби и беше искористена деловничката можност Одлуката за надзорна расправа да се донесе со најмалку ⅓ од гласовите на членовите на Комисијата“, додаваат од Левица.

Ова е трет обид на пратеничката група на Левица за одржување надзорна расправа за трагедијата во Кочани, откако претходните два обиди беа опструирани од владејачкото мнозинство на ДПМНЕ.