Левица со реториката на ВМРО-ДПМНЕ: Антикорупциска била корумпирана

Партијата Левица ја обвини денес Антикорупциската комисија дека е ригидна и корумпирана.

-Скандалите кои секојдневно ја следат криминалната коалиција на власт се доказ дека државата и институциите се заробени и се користат единствено во насока на задоволувањето на лукративните интереси на раководствата од двете владејачки партии, СДС и ДУИ. Сѐ уште нема никаква иницирана постапка од страна на ОЈО и Антикорупциската комисија за скандалозното носење на ДУП-от за „Шик Јелак”, од кое ќе профитира познатиот бизнисмен од ‘бомбите’, Миодраг Дака Давидовиќ.

Целиот процес на усвојување на спорниот ДУП е контроверзен, со оглед на тоа што се работи за фирма која е регистрирана во оф-шор земја Панама, што отвора индиции за нелегални финансиски активности и перење пари. Дополнително, скандалозно е што поранешниот министер за транспорт и врски – Горан Сугаревски, усвоениот ДУП го потпишал шест дена после распишувањето на изборите, со што се прекршени предизборните правила.

Ригидноста и корумпираноста на самата Антикорупциска Комисија е евидентно во нејзиното непостапување против поранешниот министер, додека приоритет на претседателката Ивановска е иницирање законски решенија за бришење на трите пријави поднесени против директорот на Агенцијата за разузнавање – Еролд Муслиу. Иако за бизнисменост Давидовиќ беа објавени и бомби каде се спомнуваат износи од 300.000 евра во конотација со Зоран Заев, Драги Рашковски и финансирање на неуспешниот референдум – обвинителството сѐ уште не отворило постапка за да ги испита наводите од јавно објавената снимка. Дополнително, деновиве премиерот Заев во интервју потврди дека тој бил иницијатор за носење на ДУП-от и влијаел врз советниците од општина Тетово.

Узурпираноста и партизираноста на институциите од страна на криминалните владејачки елити ја претвори државата во алатка за репресија само врз најсиромашните и најзагрозените граѓани кои експресно се санкционираат, додека за ниту еден корупциски скандал каде се инволвирани највисоки претставници на власта нема ефективна судска пресуда! Во услови на економска криза, кога секој втор ден по една фирма влегува во стечај и илјадници работници останаа на улица, милионските криминални бизниси на режимот на СДС само се надградуваат, додека институциите кои треба да го заштитат народот од самоволието на властите – се директни учесници во истото. Тригодишното владеење на СДС само ја потврди добро позната премиса дека во Македонија мафијата си има своја држава, се вели во соопштението на оваа партија.