Левица прашува: Дали Тошковски го санкционираше Ганиу за истурениот отпад пред Град Скопје?


Висар Ганиу и Данела Арсовска
Левица ги отфрла обидите на градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, и коалицијата ВЛЕН да го заменат, како што велат, правниот одговор за сериозни наводи за криминал и корупција со опасна и незрела етничка реторика.
 
-Обвинувањата за коруптивни зделки поврзани со дивоградби, фалсификување на исправи, злоупотреба на службената положба се прашања од јавен интерес и не смеат да се релативизираат преку етничкиот наратив.Нема поголема навреда, ниту потешка форма на “антиалбанство” од втурнување на граѓаните во небезбедни, нелегални услови за живеење, додека истовремено се богатиш на нивна сметка. Тоа не е борба за достоинство и еднаквост, туку свесно изложување на жителите на урбан хаос, ризици и опасно нехумани услови, велат од Левица.
 
Според нив, граѓаните на Чаир, како и сите граѓани на Македонија, имаат право на безбедна урбана средина, транспарентно управување и градоначалници и функционери кои служат на јавниот интерес, а не на градежните картели и личните бизнис агенди.
 
-Со изјави во кои се изнесуваат неосновани и запалливи обвинувања за “етничко казнување“, Ганиу не само што се обидува да го скрие сопствениот криминал, туку свесно си игра со чувствителни теми, што претставува сериозна закана за јавниот ред и мир.Го  повикуваме Министерството за внатрешни работи и министерот Тошковски итно да реагираат на ваквите изјави, кои претставуваат очигледен обид за предизвикување тензии и дефокусирање од сериозно потенцијален организиран криминал. Воедно, јавно го прашуваме министерот Тошковски: Кои закони важат за коалициониот партнер на ДПМНЕ? Дали Ганиу и неговиот клан е санкциониран за истурениот отпад пред Град Скопје или пак полицијата беше со нив на терен за да ги обезбеди и помогне?-прашуваат од Левица.