Левица отвори нова сметка, бара донации од граѓаните


Политичката партија Левица бара донации од граѓаните откако парите им беа  блокирани во пропаднатата Еуростандард банка.

Во соопштението со кое бараат донации наведуваат дека  пред повеќе од една деценија почнале да градат автентично политичко движење буквално од нула, кое сега расцутува како чиста совест на нацијата.

„Нам никогаш не ни е страв пак од нула да почнеме! Во тоа е нашата величина. Левица никогаш нема да стане партија која одработува за лоби групи кои ја купиле со нивните валкани пари. Затоа, Левица, консолидирана и посилна од било кога, се обраќа за политички донации кон сите наши стари и нови членови, симпатизери и сограѓани, нашите гласачи и поддржувачи – кон луѓето од кои црпи легитимитет и на кои им припаѓа. Некои можеби ќе мислат дека ова е наивно, но не е! Туку доблесно. А доблеста е клучот кој го менува светот. Ние не бараме луѓето да прават нешто што не можат, туку она што сакаат и што можат да го направат. Во Левица луѓето делуваат со љубов, посветеност и ентузијазам, поради тоа што веруваат дека подобар свет е можен. Поради тоа што сакаат да се дел од Движење во кое е ОК да бидеш добар, чесен и неподмитлив; повеќе да даваш, одошто да земаш; да бидеш искрен и пркослив, наместо поразен и апатичен. Ние ги спасивме идеалите и принципите, со тоа што не се шитнавме. А ако се спасени принципите – сè е спасено!“, наведуваат од Левица.