Левица: Остана уште Мицкоски да се самоизбере во „независната“ Регулаторна комисија за енергетика


Левица реагира на трупањето партиски лојалисти и лични советници на премиерот христијан Мицкоски во Регулаторната комисија за енергетика која е формирана и постои за да биде независна од власта.  
 
„Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е целосно узурпирана од партиски кадри на власта. Мицкоски планира за член на регулаторното тело да ја постави Ана Виткова, која во моментов е советник во неговиот кабинет! Очигледно, Мицкоски е цврсто решен да завладее целосно со енергетскиот бизнис во Македонија и да го отвори патот за непречено спроведување на интересите на власта и енергетските бизнис-центри.
 
За само две години власт, Мицкоски практично ја презеде РКЕ преку поставување партиски кадри на ДПМНЕ во тело кое, по правило, треба да биде независно. Во септември 2024 година парламентарното мнозинство за член на РКЕ ја избра претседателката на Комисијата за енергетика при ДПМНЕ, Елена Маркова Велинова, која своите ставови за цената на електричната енергија ги промени веднаш штом седна во регулаторната фотелја.
 
Мицкоски си го назначи за претседател на РКЕ Ацо Ристов – поранешен градоначалник на Радовиш од редовите на ДПМНЕ, кој е и дирекно инволвиран во енергетскиот бизнис.
Целосната вмровска окупација на РКЕ ќе заврши со изборот на Ана Виткова која моментално работи како советник во кабинетот на премиерот. Дополнително, Виткова досега учествувала во комисии кои одлучувале за доделување концесии за користење на водниот потенцијал за изградба на мали хидроцентрали.
 
Оттука, може да се заклучи дека РКЕ повеќе апсолутно не преставува независно енергетско тело, туку е целосно зависно тело – окупирано од ДПМНЕ и бизнис интересите на Мицкоски.
 
Потсетуваме дека Левица, со цел рационализација на трошоците и поголема ефикасност, претходно предложи укинување на РКЕ и нејзините надлежности да бидат интегрирани во рамките на Министерството за енергетика. Овој предлог беше одбиен од парламентарното мнозинство. Левица внимателно ќе ги следи сите идни одлуки на РКЕ и ќе ги анализира од аспект на евентуална кривична одговорност секоја одлука што ќе биде донесена на штета на граѓаните, во услови кога Комисијата е целосно ставена под политичка контрола на Мицкоски и ДПМНЕ“, порачуваат од оваа партија.