Левица: Место да ги објави трговците што пумпале маржи, Мицкоски ќе разговара со нив на кафе!
Државниот пазарен инспекторат утврди дека одредени синџири маркети ги зголемиле бруто-маржите за 2 до 5 процентни поени за само една година. Наодот, по Законот за инспекциски надзор и Законот за трговија, повлекува јасна постапка: решение, мерка, казна! Наместо тоа, премиерот Христијан Мицкоски најавува дека имињата на компаниите ќе се кријат во анонимност и дека она што има да го каже, „ќе го каже директно, во разговор со нив“. Во ниту една уредена држава наодот на инспекцијата не завршува на кафе со премиерот во четири очи, туку со решение кое има број, датум и правна последица – реагираа денеска од Левица.
Од партијата велат дека „бројките се од самиот Мицкоски: маржа што лани била 10 отсто, денес е 12 до 15. Тоа не е пораст од неколку проценти, туку зголемување на самата маржа за огромни 20 до 50 отсто! Распоредено врз кошничка од 600 до 700 основни производи, ова е секојдневен грабеж и трансфер на пари од трпезата на трудбениците директно во касите на богатите трговски синџири. Владата сама признава дека ако се намалат овие маржи, би биле земја со најниска инфлација – што значи дека свесно знаат дека инфлацијата не е „увозна судбина“, туку домашно профитерство со точна адреса и жиро-сметка“.
„И додека профитерите бројат милиони, а народот пребројува денари, институциите спијат. Инспекторатот утврдил прекршување, а не изрекол ниту една казна. Комисијата за заштита на конкуренцијата, надлежна за картелско здружување, како воопшто да не постои. Министерството за економија и труд најавува извештаи дури за еден месец! Премиерот, кој нема никаква инспекциска или обвинителска надлежност, се самоназначува за преговарач во четири очи. Ова е класична узурпација на извршната функција со цел да не се преземе ништо – правен вакуум во кој наодите испаруваат, а санкциите исчезнуваат!
Прашањето не е дали државата може да ги ограничи маржите и да ги казни насилните трговци – веќе покажавме дека тоа е возможно кога има волја. Прашањето е зошто оваа власт НЕМА ВОЛЈА. Одговорот е соголен и класен: профитерите не ѝ се противник на оваа власт, туку нејзина класна роднина.
Цените не паѓаат на тајни состаноци и пријателски разговори. Паѓаат само тогаш кога секој орган ја врши својата законска должност: кога Инспекторатот казнува, Комисијата истражува, а Министерството регулира. Сè друго е само евтина претстава за јавноста, платена со поскапен леб, масло и брашно“ е ставот на Левица.