Левица: Ласовска ја презеде улогата на Илире Даути, го саботира Законот за бранители


Фото: Б. Грданоски

Тоа што го правеше ДУИ, сега го прави ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Според реакцијата на партијата Левица, ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката Благица Ласовска  спречила денес  Законот за бранителите да се најде на дневен ред пред пратениците на Комисија за социјална политика, демографија и млади.

-Овој закон веќе десет месеци е блокиран од пратениците на ВЛЕН и ДУИ, а денес, кога со Комисијата претседаваше пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ – Ласовска и имаше можност овој закон да се одблокира, таа избра да го прекрши деловникот и одби да се најде на дневен ред.

Имено, поради овој закон, претходно по иницијатива на Левица, беше поднесена интерпелација за пратеничката Илире Даути, која беше разрешена од претседателската функција на Комисија за социјална политика, демографија и млади. Потсетуваме, дека лицемерното ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа интерпелацијата, чиј главен мотив беше противзаконското и неделовничко одбивање на Илире Даути да го стави Законот за бранители на дневен ред.

Помеѓу бранителите и коалициските договори, ВМРО-ДПМНЕ денес, како и секогаш изминативе 20 години, бранителите ги остави на цедило, за сметка на своите коалициски, политички и бизнис интереси. Денес, преку оваа неделовничка саботажа во стилот на Илире Даути, пратеничката Ласовска ја соголи маска на Мицкоски, а квази-патриотизмот на ДПМНЕ го претвори во фарса, покажувајќи уште еднаш како ги злоупотребуваат патриотските чуства на Македонците во време на изборни кампања, кои како и секогаш биваат пуштани низ вода кога е време да се преземе акција, велат од Левица.