Левица: Како фирми со блокирани сметки, со повисоки цени и со обвиненија за криминали добиваат тендери?


Левица го прашува јавно министерот за внатрешни работи Панче Тошковски како е можно фирми со блокирани сметки, со повисоки цени и со обвиненија за криминали да добиваат државни тендери? 

-Помина цел месец откако Левица ја алармираше јавноста за тендерот склучен помеѓу Министерството за внатрешни работи, предводено од Панче Тошковски, и фирмата „Дон Холдинг“ – компанија која во минатото беше мета на жестоки прес-конференции токму од ДПМНЕ. Истата таа партија тогаш го повикуваше обвинителството да отвори истрага поради сомнежи за криминални зделки и блиски врски со поранешниот градоначалник на Ѓорче Петров од СДСМ. Еден месец Тошковски, МВР и ДПМНЕ молчат зошто наместо МВР под раководство на Тошковски да ги истражи скандалозно доделените тендери од СДСМ на оваа компанија – сега неговото министерство повторно ги склучува истите сомнителни тендери со „Дон Холдинг” во висина од 500.000 евра.

Тошковски молчи и за скандалозниот тендер за кој обелоденивме пред два дена, а кој се однесува на договор вреден 18.821.466 денари, склучен со битолска компанија ММ ПАК ЕЛПЕНИК ДООЕЛ – компанија со блокирани сметки. Оваа компанија со пет вработени треба да ги опреми одморалиштата на МВР со спален и кујнски инвентар.Како што истакнавме и претходно, цените на артиклите предвидени за набавка се астрономски, односно наместо да се пониски како набавка на големо – МВР од народниот буџет ќе плаќа неколкукратно повисоки цени дури и од она што граѓаните во можат да го најдат и купат од рафтовите во продавниците.

Кога СДСМ и ДПМНЕ ќе се обединат со исти компании обвинувани за криминал, како што е случајот со „Дон Холдинг“ – тоа е јасен показател дека нема разлика помеѓу лукративните интереси и расипничкото работење на овие две партии. Воедно, го советуваме Тошковски да ги извади розовите наочари и да престане со смешното мантрање на зборот „реформи“ бидејќи реформите се незабеележливи ниту во однос на тендерите, а не пак на терен, порачуваат од Левица.