Левица ја затрупа ДИК со 1.982 приговори


Левица ги доставува приговорите до ДИК

Утре и задутре Државната изборна комисија ќе има огромна работа само да ги прегледа приговорите на изборите што ги поднесе Левица, а уште поголема да расправа и одлучува за нив. На десет минути пред истекот на законскиот рок Левица поднесе 1.982 писмени приговори (спакувани во четири регистратори). Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, напиша на Фејсбук дека приговорите ги поднесле за да „си ги вратиме украдените тројца пратеници“.

Попладнево коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива поднесе 77 приговори, а сношти други 74. ВМРО-ДПМНЕ поднесе два приговори за сумирање на резултатите од изборите. СДСМ не поднесе приговори. Другите приговори се од малите партии.

Вкупно до ДИК има поднесено 2.141 приговори. Одлучувањето по нив ќе го одложи објавувањето на официјалните резултати (затоа што се можни и тужби пред Управниот суд).