Левица: Историскиот криминал со „Бехтел и Енка“ ВМРО-ДПМНЕ ќе го реализира со можни злосторници
Како што беше објавено вчера, со измените на Законот за странци ќе им дадат одврзани раце на „Бехтел и Енка“ да ангажираат и поранешни осуденици да работат на изградба на автопатиштата. Со измените на Законот на странци се предлага работникот од странство „да е неосудуван и да не се води кривична постапка против него во државата во која престојувал во годината пред поднесување на барањето за привремен престој, во зависност од документите што ги издава државата“.
Одредбите во постојниот Закон за странци предвидуваат дека странскиот работник може да добие работна дозвола во Македонија „ако е неосудуван во државата, чиј државјанин е или во државата во која престојува на затворска казна подолга од шест месеци и да не се води кривична постапка против него“. Тоа значи дека со измените ќе му се олеснат критериумите што треба да ги исполни странецот за да добие привремен престој во државава, односно ако во последните 12 месеци не добил казна во својата земја, ќе може да добие работна виза во Македонија.
Олеснети услови за привремен престој во земјава добива и член на потесното семејство на странецот кој добил работна виза, како и членови на потесното семејство на покровителот.Исто така, олеснети се условите за продолжување на привремениот престој на работникот од странство.
„ На барање на странецот што се поднесува не порано од 90 дена пред истекот на привремениот престој или најдоцна пет дена пред истекот на привремениот престој, привремениот престој се продолжува, при што секое продолжување не може да биде подолго од една година“ – се потенцира во измените на законот.
Се предвидува МВР да биде органот кој ќе ја разгледува документацијата на странскиот работник и го добива правото да ја одбие ако е некомплетна. Досега се бараше мислење од Агенцијата за вработување дали да се одобри привремениот престој на странецот, а со измените се предвидува на странците кои ќе работат за „Бехтел и Енка“ да им се одобрува престој независно од моменталните потреби на пазарот на трудот.
Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање велат дека не биле консултирани за предложените измени во Законот за странците. Претседателот на СГИП, Иван Пешевски негативно ги оцени измените. Според него, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која додека беше во опозиција имаше многу замерки за тоа што им се удоволува на странскиот изведувач во земјава за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10-д, сега го прави токму тоа со измените на Законот за странци.
„ СГИП е против вакви измени. Власта требаше да се покаже волја да ги смени законите што ги донесе претходната влада за потребите на „Бехтел и Енка“, а кои се штетни за работниците, а не пак сега да ги олеснува условите за увоз на странци кои ќе работат кај работодавачи како робови“, вели Пешевски дополнувајќи дека на некои странски работници од Турција не им се исплакале плати со месеци.