Левица и ВМРО-ДПМНЕ заеднички поднесоа интерпелација за Талат Џафери


Во редот за интерпелации денеска се најде и претседателот на Собранието, Талат Џафери. 

Главната причина за интерпелацијата е што Талат џафери во Европскиот парламент зборуваше на албански јазик, а тоа не е во согласност со Уставот, изјавија денеска ГорданаСилјановска-Давкова и Димитар Апасиев кои гја образложија интерпелацијата.

„Нашиот претседател не е човек на парламентот туку е човек на Владата, не се однесува како прв меѓу еднаквите, туку се однесува како основен господар на Собранието, а ние се чувствуваме како да сме советодавно тело. Ниту е неутрален ниту е правичен ниту е непристрасен“, рече Силјановска-Давкова образложувајќи го потегот.

„Можеби се ова најтешките моменти на атак на македонскиот јазик не само однадвор, од соседството, туку и одвнатре. Суспендирајќи го македонскиот јазик како ексклузивен во меѓународната комуникација тој го атакуваше одвнатре“, рече таа.

Втората причина, според Силјановска-Давкова е што од пред извесно време во Собранието сите материјали и законите стигнуваат во две поглавја. „На левата страна на македонски, на десната страна на албански јазик“, рече Силјановска-Давкова.

Таа вели дека во Деловникот пишува дека пратениците коишто припаѓаат на заедницата што брои најмалку 20% имаат право сите материјали да ги добиваат и да ги испраќаат на својот јазик, „но пратениците Роми, Власи, Бошњаци, Срби немаат обврски да добиваат материјали на двата јазика“.

Третата причина е гласањето со скафандерите и со тоа според предлагачите бил прекршен протоколот.

Левица ја најави интерпелацијата во петокот, а ВМРО-ДПМНЕ тогаш објави дека ќе поднесе и и кривична пријава против Талат џафери за кршење на Уставот.