Левица го нарече Тимчо Муцунски „волк во јагнешка кожа“


 

Продолжуваат препукувањата меѓу огранокот на Левица во општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски. Иако во Градот Скопје Левица и партијата на Муцунски, ВМРО-ДПМНЕ, се во мнозинската коалиција, на локално ниво во главниот град има многу политички пресметки.

Во соопштението на огранокот на Левица се вели дека „вистинскиот непријател на жителите на Аеродром е волкот во јагнешка кожа Тимчо Мицунски и жителите секојдневно сѐ повеќе ја согледуваат вистинската нарав на ‘префинетиот’ Тимчо“.

Во него се нагласува: „Додека градоначалникот Тимчо Муцунски го гледаме како се шета по школите и градинките низ Аеродром и во недостиг на реални проекти ги користи најмалите жители, т.е. децат, за политичка кампања, неговата матична партија брка вештерки обвинувајќи ја Левица поради критичкото опозициското делување во општината за некаква си коалиција со партијата СДС која како воопшто и да не постои во Општина Аеродром, а уште помалку пак делува критички и опозициски“.

Според Левица, „и покрај мнозинството во Советот на општина Аеродром кое го има партијата на градоначалникот Тимчо Мицунски, ДПМНЕ, општината предводена од Тимчо не реализира никакви видливи проекти за жителите на Аеродром изминатава година. Довербата тешко се добива, но многу лесно се губи. Тимчо не ја заслужи довербата и затоа експресно ја губи, поради својата неспособност да реализира проекти, манипулативност до степен секојдневно да користи деца во политичка кампања, ароганција на ниво да измислува виновник во Левица за неговата некадарност да реализира капитални проекти“, се вели во соопштението на партијата.