Левица го нападна со навреди новинарот Зоран Бојаровски


 

Генералната секретарка на опозициската политичка партија Левица, Јована Мојсоска, го нападна новинарот Зоран Бојаровски дека тој е владин советник и истовремено пишува во „Цивил медиа“.

„Бојаровски е сороспија по шаблон, па истиот се вртит по разни проекти за граѓански активизам на Отворено општество, толкуват вистина во Метаморфозис, факт-чекират објави и како владин советник, пишуват новинарски колумни за Цивил“, пишува меѓу другото Мојсоска.

Објавата на Мојсоска на Фејсбук  предизвика десетици коментари со говор на омраза, но и со закана кон Бојаровски дека „и он ќе виси“…

Од „Цивил медиа“ наведуваат дека тврдењето на Мојсоска е тотална лага, бидејќи од 1 јули оваа година, новинарот Бојаровски повеќе не е дел од владиниот тим задолжен за медиумски реформи.

Со оваа изнесена лага, како и со навредите кон Бојаровски, текстот на Мојсоска по неколку основи го крши Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета според членовите 6 и 8 од оваа регулатива.

Овој оркестриран напад врз новинарот Бојаровски доаѓа по колумната „Леви“ амандмани за „перење“ на гревовите во која тој, меѓу другото, пишува: „…јавноста многу добро знае кој во континуитет ја потиснува слободната мисла со авторитарни постапки и препознава дека левите амандмани, всушност, се обид за перење на гревовите на Левица и нејзиниот лидер кон новинарите.

Левица и нејзиниот лидер се токму тие коишто го одржуваат континуитетот на најлошите политики од претходниот режим кога е во прашање слободата на медиумите, ќе поставиме неколку прашања:

Пред да ги образложи амандманите во Собрание, Апасиев да објасни за какви списоци зборува членот на неговата партија кога на социјалните мрежи нашиша, онака, субмисивно: ‘Профа овој не знам дали од претходно беше на список го додадов у секој случај да не го изумиме’ под Фејсбук статус на неговиот лидер во кој нападна еден наш колега затоа што разговарал со една министерка?“, пишува Бојаровски во колумната.