Левица ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ја саботираат расправата за аерозагадувањето

Вчерашната жестока седница на Комисијата за мандатно-имунитетски и деловнички прашања има продолжение и денеска. Владејачкото мнозинство ја спореше веќе закажаната надзорна расправа во Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на 25 февруари 2025 година. Тие сакаат расправата за аерозагадувањето и последиците по здравјето на граѓаните да се одржи или во кокомисијата за здравство или за екологија. Главната причина е дека претседател на Постојаната анкетна комисија за заштитат на слободите и правата на граѓаните (што е уставна категорија) е лидерот на Левица, Димитар Апасиев. По надмудрувањето на пратениците беше донесен заклучок претседателот на Собранието, Африм Гаши, да одреди во која комисија ќе се одржи надзорната расправа.
Апасиев денеска остро реагираше на Фејсбук:
„Колку треба да си ненормален (од нула до ДПМНЕ) + корумпиран до с’рж, да саботираш прва надзорна расправа на тема од врвен јавен интерес како АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО!?
p.s. Веќе се поканети над 40 гости-сведоци, меѓу кои и претставници на ЗАГАДУВАЧИТЕ (како Цементара) – кои, пак, се финансиери и ‘донатори’ токму на градоначалниците на ДПМНЕ. Дали можеби тоа е причината за паниката во партијата на Мицкоски”, напиша Апасиев.
Во расправата тој, меѓу другото, рече:
,,Пресметавте дека овој процес ве чини политички, и ај сега ќе ретерираме, во фазата ќе дигнеме рачна. Не бива така. Спорните прашања се само во главите на вмровците! Не постојат спорни прашања. Дури и сега да ми доставите гости – истите ќе бидат поканети промптно, уште денес. Но, не! Вие одите на нож! Вие не почитувате bona fide пристап, не почитувате отвореност и добра волја, оти таква ви е наравта – сељачка и силеџиска – сѐ на ачик, сѐ на нож“.
Горан Мисовски од НСДП и Јован Митрески од СДСМ во текот на расправата беа децидни дека Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не може да му даде надлежност на претседателот на Собранието да одлучи на која комисија ќе се одржи надзорната расправа. Како што објаснија, одржувањето на надзорната расправа за аерозагадувањето во рамки на Постојаната анкетна комисија е регуларно свикано зашто согласно Деловникот, ако надзорна расправа побараат повеќе од 15 пратеници, тогаш тие избираат во која комисија ќе се одржи расправата, а претседателот на Собранието, доколку нема никакви забелешки, само го проследува нивното барање до претседателот на таа комисија.
На ова реагираше Бобан Карапејовски од ЗНАМ кој праша дали тоа значи дека во ваков случај претседателот на Собранието е сведен на обичен чиновник, архивар или „скретничар“ зашто само посредува, проследувајќи го барањето на пратениците до претседателот на соодветната комисија во која тие бараат да се одржи надзорната расправа. Митрески му објасни дека Гаши веќе го препратил барањето до Постојаната анкетна комисија и надзорната расправа треба да се одржи.
Пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, ја нарече пратеничката Весна Бендевска од ЗНАМ „транзициска профитерка“ која образложуваше дека Постојаната анкетна комисија била несоодветно место за расправа за аерозагадувањето.
Откако мислењето на Комисијата беше усвоено, процедурално за збор се јави пратеникот Бојан Стојановски кој рече дека надзорна расправа за загадувањето на воздухот ќе има, но, „организирана според Деловникот“. Тој информира дека мнозинството веќе поднело барање за надзорна расправа до спикерот кој треба да одреди матично тело каде што расправата ќе се одржи. На барањето се потпишани 61 пратеници. (Н.В.)