Левица : Фрчкоски гласаше „против“ Резолуцијата за Борба против фашизмот и нацизмот


Во Генералното собрание во ООН, со 112 гласови „ЗА“, беше усвоена нацрт-резолуција за ,,Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“. Претставникот на Македонија во ОН – Љубомир Фрчкоски гласаше ПРОТИВ оваа резолуција, соопшти Левица.

-Овој глас, како официјален став на Владата е силно загрижувачки, особено ако се земе во предвид моменталната ситуација внатре во државата, каде изминатите години сведочиме на отворање бугарските културни клубови, именувани по истакнати фашисти, каде се рехабилитираа опасни великодржавни идеи, актуелни од пред Втората светска војна. Следствено на ова, годинава следиме тренд на величење на балистите, поставување нивни споменици, именување на улици по нив, додека истовремено се спроведува умислена државна негрижа проследена со системско занемарување и уништување на споменици на партизаните од Народно-ослободителната борба.

Нагласуваме дека на ова срамно гласење од Фрчкоски му претходеше и гласањето воздржан за резолуцијата во која се повикуваше на заштита на цивилите и почитување на правните и хуманитарни обврски во однос на израелско-палестинскиот конфликт, каде безброј невини жртви, цивили, жени и деца се жртви на агресијата од вооружените сили на Израел.

Минатата година, пратениците на Левица во Собранието поднесоа Резолуција против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици, која „везирот“ Талат Џафери од ДУИ, ја чува заклучена во фиока, исто како и Предлог-декларацијата за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација, која минатата Седница, одби да ја стави на дневен ред, обвинија од Левица.

Заднината на оваа резолуција не е позната, но веста за резолуцијата ја објави вчера руската амбасада во Македонија  посочувајќи ја нашата влада како поддржувач на фашизмот.