Левица бара да се провери што горат индустриските објекти во Скопје
Политичката партија Левица се приклучи на реакциите за загадувањето оценувајќи дека додека Владата на ВМРО-ДПМНЕ,ЗНАМ и ВЛЕН молчи, Скопје руши светски рекорди за загаденост на воздухот. Според нив, индустриски капацитети во земјата и натаму употребуваат штетни горива, а инспекциите се немоќни бидејќи им се јавува кога ќе треба да ги контролираат.
„Без разлика на ограничувањата, огромен дел од индустриските капацитети употребуваат крајно штетни горива, мазут и јаглен. И покрај алармантната состојба, најголемиот дел од јавни институции во Скопје, како основни топлива исто така ги користат мазутот и нафта. На сето ова, според нашите сознанија, во дел од индустриските капацитети и покрај забраните се согорува и отпад.
Состојбата на терен, особено во индустриските капацитети не може да се утврди. Информации за загадувачите не се достапни, ниту од јавната, ниту од приватната сфера. Инспекторите не можат да констатираат неправилности, поради тоа што непосредно пред нивните проверки сопствениците на индустриските капацитети се известени, а загадувачите своето работење времено го прилагодуваат во законската рамка“, оценува Левица.
Според нив податоците за штетноста на овие горива се одамна добро познати, но во изминатите 30 години никој не презема конкретни чекори за нивно заменување.
„Левица претходно предочи итни мерки кои можат да се спроведат со цел намалување на загадувањето, особено во неколкуте најзагадени градови во Македонија. За жал, откако се на власт, на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ загадениот воздух не им пречи. Потсетуваме дека овие партии го намалија Буџетот за над 50% против аеро-загадувањето, а очигледно од препораките и еколошките програми, апсолутно ништо не се спроведува. Затоа Левица бара:
• Мапирање и строго казнување на големите загадувачи, кои со години функционираат без реални санкции за нивното влијание врз животната средина;
• Гасификација на индустријата и домаќинствата, што ќе доведе до значително намалување на штетните емисии;
• Задолжително и бесплатно приклучување на колективните станбени згради и јавните објекти кон централниот систем на парно греење (Топлификација),
• Ревизија на начинот на трошење на средствата од т.н. Зелен фонд;
• Насочување кон планско лоцирање индустриски капацитети, фабрики, погони или постројки подалеку од градската зона (особено кон исток)“.
Партијата исто така ги повикува надлежните инспекторати итно да излезат на терен и извршат проверка кај потенцијалните загадувачи што се согорува во индустриските капацитети и какво топливо користат истите, а секаде каде што ќе бидат утврдени неправилности, неопходен е итен прекин на нивната работа.
Инаку, изминатите два дена на социјалните мрежи се шири фотографија од Цементарницата Усје на која се гледа големо количество отпад што се користи како гориво.