За Левица продажбата на „Жан Митрев клиниката“ е сомнителна, зад неа стоел албански олигарх


Фото: Б. Грданоски

Политичката партија Левица денеска преку соопштение до медиумите тврди дека зад најавената продажба на клиниката Жан Митрев на холандски фонд, всушност се затскрива албански олигарх.

„Податоците од холандскиот Трговски регистар покажуваат дека зад оваа сомнителна зделка стои Клодијан Алајбеу, албански олигарх со низа коруптивни скандали во Албанија, Косово, но и во африканскиот континент“, тврди Левица.

Со цел да се скријат сомнежите за висока корупција и да се прикаже дека холандски фонд стои зад преземањето на клиниката Жан Митрев (која се гони кривично за измамничко профитерство), пред само еден месец Клодијан Алајбеу го има префрлено правното сопствеништво над холандската фирма, која ја купува Клиниката на холандска фондација-труст, посочуваат од Левица.

Во соопштението до месдиумите се вели дека „овој контроверзен лик го има задржано правото над сите приходи од холандската компанија и Жан Митрев Клиниката преку потврди издадени од холандската фондација“.

Според Левица, Клодијан Алајбеу, „се поврзува со случаи на перење пари и корупција во Албанија и Зимбабве, но и финансирање на терористички организации во Турција“.

„Ова ги подгрева сомнежите дека случајот со Жан Митрев се процесуира со цел да се изнуди продажбата на клиниката на моќници кои стојат зад криминалните елити на ДУИ и СДС“, се вели во соопштенито на Левица.