Левандовски: Заврши мојата приказна со Баерн


Полската фудбалска ѕвезда Роберт Левандовски објави денеска дека неговата приказна со Баерн Минхен е завршена и оти заминувањето во друг клуб е најдобро решение за двете страни, јавија полските медиуми.

Левандовски не го посочи името на својот нов клуб.

– Заминувањето во друг клуб е најдоброто решение за двете страни, изјави 33-годишиот напаѓач, кој има договор со Баерн до крајот на идната сезона, но на тренингот на полската репрезентација им соопшти на новинарите дека својата иднина не ја гледа во бундеслигашкиот гигант.

„Едно е јасно, мојата приказна со Баерн е готова. После сè што се случи последните месеци не можам да замислам натамошна соработка. Верувам дека трансферот е најдобро решение“, рече полскиот капитен, кој пред осум години дојде во Баерн од редовите на Борусија Дортмунд.