Левандовски најдобар фудбалер во светот во изборот на ФИФА


Полскиот напаѓач Роберт Левандовски (32) е прогласен за најдобар фудбалер во светот за 2020 година во изборот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Гласаа селекторите и капитените на репрезентациите, новинарите и навивачите, а Левандовски славеше пред Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Меѓународната фудбалска федерација ја доделува наградата за најдобар фудбалер на светот од 1991 година, а прв победник беше Германецот Лотар Матеус. Од 2010 до 2015 година ја доделуваше наградата во соработка со Франс фудбал, при што на најдобриот фудбалер во светот му се дава Златна топка. Сепак, пред пет години, ФИФА и Французите решија да се разделат.

Церемонијата на доделување на наградите се одржа како виртуелен настан од домот на ФИФА во Цирих, а домаќини на програмата беа реномираниот англиски спортски новинар Решмин Чоудури и легендарниот холандски фудбалер Руд Гулит.

Иако негови конкуренти беа двајца од најдобрите играчи на 21-от век, полскиот напаѓач заслужено славеше. Левандовски освои практично сè со Баварците и беше најдобар стрелец во Бундеслигата и во Лигата на шампионите.

Во сезоната 2019/2020, Левандовски одигра 47 натпревари за Баерн на кои постигна 55 голови и забележа 10 асистенции, и беше клучен играч на Баварците во освојување на Бундеслигата, германскиот Куп и Лигата на шампионите.

За репрезентацијата на Полска одигра 14 натпревари во 2019 и 2020 година, на кои постигна осум гола.

Англичанката Луси Бронзе (Манчестер Сити) беше прогласена за најдобра фудбалерка, а во конкуренција беа и Пернил Хардер од Данска и Французинката Венди Ренард.

Стратегот на Ливерпул, Јирген Клоп е избран за најдобар тренер, пред Ханси Флик (Баерн) и Марсел Биелса (Лидс).

Титулата најдобар голман му припадна на Германецот Мануел Нојер, кој го предводеше Баерн до титулата европски и германски шампион, додека голманката на Лион, Сара Бухади, ја освои титулата кај девојките.

Наградата „Ференц Пушкаш“ за стрелец на најубавиот гол му припадна на крилото на Тотенхем, Сон Хјонг Мин.

Добитник на наградата на ФИФА за фер плеј е Матија Ањезе.

Во најдобриот тим на годината се израни Алисон Бекер – Трент Александар-Арнолд, Серхио Рамос, Виргил ван Дајк, Алфонсо Дејвис – Кевин де Брујне, Тиаго Алкантара, Џошуа Кимич – Лионел Меси, Роберт Левандовски и Кристијано Роналдо.