Летово без лет до Атина


Иако скопскиот аеродром од 1 јули ќе почне да функционира, летово повторно нема да има летови од Скопје до Атина. Како што стои на интернет страницата на компанијата, летовите се одложени до септември годинава, а по се изгледа прашање е дали ќе бидат воспоставени и потоа.

Летовите од Скопје до Атина беа обновени по 15 години прекин на авионскиот сообраќај меѓу двете земји поради спорот околу аеродромот во Скопје, откако му беше сменето името во „Александар Велики“. Тоа што го направи спорот, сега очигледно го прави корона вирусот, со тоа што одлуката дали македонските граѓани ќе можат да влегуваат во Грција од 1 јули, кога ЕУ препорача отворање на границите кон Западниот Балкан, допрва треба да се носи во земјите членки, вклучувајќи ја и Грција.