Летонија го забрани независниот руски ТВ канал Дожд

Дожд ја „загрозувал националната безбедност“, објавија властите. По почеотокот на војната Русија го блокираше емитувањето на Дожд


Телевизиското студио на Дожд

 

Националниот совет за електронски медиуми (НЕПЛП) на Летонија одлучи да ја одземе дозволата за емитување на независниот руски ТВ канал Дожд. Ова го соопшти шефот на советот Иварс Аболинс.

Според Аболинс, одлуката била донесена утрото на 6 декември „поради загрозување на националната безбедност и јавниот ред“. ТВ Дожд ќе престане да се емитува во Летонија на 8 декември.

„Оценувајќи ја севкупноста на прекршувањата, НЕПЛП беше убеден дека раководството на Дожд не разбира и не е свесно за значењето и сериозноста на прекршувањата и затоа не може да дејствува на територијата на Летонија“, изјави шефот на советот. Во својот твит, Аболинс додаде дека „законите на Летонија мора да се почитуваат од сите“.

Советот ќе бара и да се блокираат преносите на Дожд на Јутјуб: да не бидат достапни во Летонија.

Телевизискиот канал Дожд беше блокиран во Русија неколку дена по почетокот на војната во Украина и, како и многу други независни медиуми, беше принуден да престане со работа. Во јуни, се дозна дека Дожд добил дозвола за емитување во Летонија, каде што се преселија многу новинари на телевизијата. Во јули Дожд најави продолжување на емитувањето.

Во декември, летонските власти имаа неколку барања против ТВ каналот. Така, НЕПЛП изрече казна од 10.000 евра на Дожд за емитување карта со Крим како дел од Русија, како и користење на зборовите „нашата армија“ во однос на руските вооружени сили. Летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс побара да се укинат дозволите за престој на вработените во станицата, откако водителот Алексеј Коростелев во живо изјави дека станицата „можела да ѝ помогне“ на руската војска. Коростелов изјави дека тоа го кажал со одредена доза на потсмев. Летонската служба за државна безбедност започна инспекција на ТВ каналот.

Главниот уредник на Дожд, Тихон Џјадко подоцна им се извини на гледачите и каналот јавно го отпушти водителот, кој рече дека неговите забелешки во етер биле извадени од контекст.

Дожд „не ѝ помагаше и нема… да ѝ помогне на руската армија – на фронтот или на друг начин“, рече тогаш Џјадко.

Креативната продуцентка на Дожд, Ана Монгајт, рече дека каналот ќе продолжи да се емитува на својот канал на YouTube.

„Ние знаеме како да ги надминеме епските тешкотии и не ја сметаме нашата мисија завршена“, напиша таа на апликацијата за пораки Телеграм.

Кремљ го нарече инцидентот „пример за погрешна илузија дека секаде е подобро или побезбедно отколку во Русија“.

Основан во 2008 година, Дожд останува еден од најголемите независни руски медиуми и пред војната покриваше теми како протести на опозицијата, корупција и лажни вести и покрај зголемените ограничувања од руските власти.

Оваа есен, Дожд отвори радиодифузно студио во Амстердам во партнерство со „Москва тајмс“.

Летонија, која беше контролирана од Москва под Советскиот Сојуз, беше еден од најверните сојузници на Украина за време на руската инвазија.

Службата за државна безбедност на земјата минатата недела соопшти дека постојано ги предупредила креаторите на политиката за разузнавачките ризици „произлезени од таканаречените независни руски медиуми кои ги преместуваат нивните активности во Латвија“.