„Лето со мирис на книги“ – Летен фестивал на книга во книжарниците на ТРИ


Под слоганот „Лето со мирис на книги“ од денеска започнува Летниот фестивал на книгата, во книжарниците на Издавачкиот центар ТРИ. Фестивалот ќе трае два месеци, а нуди книжевни новитети, попусти на целокупната понуда на изданија, промоции, средби, награди и изненадувања за читателите.

– Фестивалската понуда, покрај изданијата на ТРИ и Паблишер, опфаќа уште 11 други издавачи и повеќе од 600 наслови со попуст до 50 проценти што се достапни и онлајн, како и попусти до 80 отсто на класици и врвни изданија од светската книжевност кои се дел од акцијата пет книги за 499 денари, информира Издавачкиот центар ТРИ.

Од издавачкиот центар најавија и нови изданија од домашната и светската книжевна сцена, „Надвор од редот“ од Џордан Питерсон, „Пчеларот од Алепо“ од Кристи Лефтери, „Половината што ми недостига“ од Брит Бенет, „Пачинко“ од Мин Чин Ли, „Трагачот“ од Тана Френч, сосема нов ПланУМ, како и нови книги од Рафаела Жордано, Ањес Мартен-Лиган, Малком Гладвел, Ерик Емануел Шмит, Харуки Мураками, Брајан Трејси, Дејл Карнеги.