Лето со македонски автори во „Антолог“


„Антолог“ планира да ги посвети следните неколку недели на зголемена промоција на домашни автори и дела од сите жанрови и видови (проза, поезија, книжевност за деца, специјални изданија). Акцијата е дел од долгогодишниот ангажман на издавачката куќа во актуелизирање на интересот за македонската литература и подигнување на свесноста за домашните автори, кој сега добива една сосема поинаква димензија.

„Летото е пред нас, а годишните одмори се асоцијација на време поминато со книга. Нашата цел, преку активностите што следат, е уште позасилено да го привлечеме вниманието кон домашниот автор, за секој на својот список книги ова лето да допише и по некој таков наслов. Отсекогаш сме ги поддржувале и охрабрувале македонските писатели чии дела се вредни за читање. Низ годините нашите автори го добиле соодветното внимание, биле наградувани од критиката, а нивните книги доживувале нови изданија и тиражи. Секогаш сме тука да ги поттикнеме читателите да се решат за книги од македонската литература, затоа постојано оддржуваме промоции, настани, средби со писателите, сè со цел и овие книги да си го добијат своето заслужено место во библиотеките, како на нашите читатели, така и на јавните установи,“ – велат од „Антолог“.

За целото ова време на нашата интернет страница и на социјални медиуми постојано ќе бидат споделувани содржини од различен вид а секој ден во фокус ќе имаме претставување на еден македонски писател.

Заедничко за сите овие дела и автори е што тие веќе го имаат освоено интересот на читателите и низ годините доживеале нови тиражи, што е и најголема награда за секој писател: интересот на публиката.

Сè со цел да го зголемиме интересот и уште повеќе да ги поттикнеме читателите ова лето да прочитаат и нешто од нашите писатели, од 11 до 22 јули во книжарниците на „Антолог“ секој што ќе купи две книги од македонски автори, ќе ја добие третата гратис.