Летната сезона во Грција ќе почне порано од кога било досега, на 1 март


Грција – Одлуката Грција да го укине задолжителниот тест за влез во земјата, ја коментираше министерот за туризам Василис Кикиљас, кој рече земјата испраќа силна порака за безбедност до нејзините посетители со валиден европски сертификат, јави дописничката на МИА од Атина.

-Нашата земја оваа година ги презема сите неопходни подготвителни чекори за да ги пречека нашите посетители за летната сезона, порано од кога било досега, почнувајќи од 1 март. Грчкиот туризам докажа извонредна издржливост во изминатите две години, испраќајќи силна порака за безбедноста на патниците во нашата земја. Истото ќе го направи и оваа година, порача Кикиљас.

Како што претходно објави МИА, министерот за здравство на Грција Танос Плеврис претпладнево соопшти дека за оние кои имаат валиден европски сертификат нема да биде потребен тест за патување во Грција.