Леонардо: Не можам да ветам дека Мбапе ќе го продолжи договорот


Откако ја отвори вратата за заминувањето на големата ѕвезда на Пари Сен Жермен, Нејмар, кој е и најскап фудбалер во историјата на фудбалот, сега спортскиот директор на клубот, Леонардо беше двосмислен и по прашањето за иднината на втората ѕвезда на парижаните – Килијан Мбапе.

Младиот Французин, кој дојде на „Парк де Пренс“ како тинејџер за 180 милиони евра, во јуни направи навестување дека веќе му е време да ја смени средината. Интерес има од Реал Мадрид, но шпанскиот колос ја одложи операцијата за да го привлече следното лето.

Надежите во Париз беа дека дотогаш раководството ќе успее да го убеди да го продолжи договорот и така тој тешко ќе може да биде продаден. Но бразилскиот директор на клубот одби да гарантира дека Мбапе ќе потпише нов договор со клубот.

– Не е ваша работа да знаете дали е наш приоритет да потпишеме повторно со Мбапе, или не. Важно е дека тој е тука. Тренира со насмевка, ги заразува луѓето со неа, бидејќи е харизматична личност. За навивачите и за тимот е важно да има играч како него во тимот. Не можам да ви ветам дека тој ќе го продолжи договорот и има две причини за тоа. Едната е дека јас никогаш не правам ветувања. Втората е дека не од мене зависи се во овој клуб и не можам само така да ветам дека ќе потпишам договор со некого. Единственото нешто што ме интересира е денешниот ден. А денес Килијан е со нас и тренира, изјави Леонардо за „Паризиен“.