Лени Кравиц пристигна во Скопје


Музичката ѕвезда Лени Кравиц доцна синоќа пристигна во Скопје со својата екипа која брои околу 60 луѓе, информираше Авалон продукција.

Кравиц пристигна два дена пред големиот концерт кој ќе се одржи утре во ВИП-арената „Борис Трајковски“.

Македонија е негова трета концертна станица пo Словенија и Австрија во рамките на турнејата „Raise vibration“.

Организаторот на концертот Авалон продукција информира дека останати се минимален број на влезници за концертот, па сите кои сакаат да присуствуваат на ова музичко шоу да побрзаат со набавувањето на билетите.

„American Woman“, „Are You Gonna Go My Way“, „Believe“, „Fly Away“, „Again“, „Let Love Rule“, „Chamber“, се само дел од хитовите кои ќе ги слушнеме во Скопје, во сала со капацитет од 8.000 посетители.

Од она што се издвојува во неговата рајдер листа за Скопје, интересно е што Лени носи со себе личен готвач кој ќе му подготвува храна на лице место.

-Околу оброците што треба да му бидат подготвени, нема некои посебни барања. Сака да се храни здраво, па така во оброците потребно е да бидат вклучени свежи сезонски салати, супа, повеќе видови на месо (пилешко, мисиркино, риба), квалитетни сирења и сувомеснати производи, многу овошје (органско и потребно е да стои налепница дека овошјето е органско), како: банани, јаболка, мандарини, круши, манго, авокадо, потоа суво овошје, апетисани, чаеви, кафе и свежо цедени сокови. Алкохол нема. Пијалоците бара да му бидат исклучиво на собна температура, изјави претходно организаторот за „Независен весник“.