Лековите за слабеење би можеле да ја намалат продажбата на пиво, предупредува „Хајнекен“


Хајнекен ги предупреди британските пабови и барови дека широката употреба на лекови за слабеење може да доведе до губење на гости и приходи, според презентација на компанијата во која имале увид британски медиуми, што е ретко јавно признание од големиот производител на алкохолни пијалоци дека лековите се закана за продажбата на пиво.

Предупредувањето доаѓа во време кога употребата на лекови од групата агонисти на GLP-1 значително се зголеми. Според истражувањето на JPMorgan, околу 10 милиони луѓе во САД лани користеле лекови како Ozempic и Wegovy, произведени од данската компанија Novo Nordisk.

Проширувањето на нивната употреба има последици и за другите сектори на стоки за широка потрошувачка: ја намалува желбата за слатки и грицки, ја зголемува побарувачката за преправки на облеката и го поттикнува развојот на производи наменети за ублажување на несаканите ефекти од терапијата.

Хајнекен, вториот најголем производител на пиво во светот по AB InBev, ги предупреди угостителите дека лековите од групата GLP-1 можат да ја намалат желбата за пиење алкохол и негативно да влијаат на продажбата на пиво бидејќи клиентите се чувствуваат посити и нарачуваат помалку пијалоци. Компанијата, исто така, предупреди дека традиционалните собири за време на кои се консумира многу пиво може да станат поретки.

Индустријата за алкохолни пијалоци веќе се соочува со повеќегодишен пад на продажбата на некои големи пазари, бидејќи потрошувачите ја намалуваат потрошувачката од здравствени и економски причини.