Лекција за опстанокот на либералната Европа
Лекцијата што Европејците треба да ја научат е дека историјата не е мажена за никого - таа е независна и често ги менува љубовниците. Така што, нема потреба од паника
Во еден стар виц се среќаваат две гатачки и по неколкуминутно значајно молчење, едната ѝ вели на другата: „Гледам дека ти ќе бидеш добро. Но, што ќе биде со мене?’
Се сетив на тој виц кога на едно неодамнешно предавање во Виена некој од публиката ме праша како либерално настроен Европеец може да биде оптимист за иднината на Европа во овој момент.
Прашањето има смисла. Притиснати од потклекнатата економија и парализирани од стравот од миграција, со победата на Трамп и војните во Украина и на Блискиот Исток, Европејците малку личат на херојот од филмот на Хал Ешби „Добредојдовте, господине Ченс“.
Игран брилијантно од Питер Селерс, Ченс го поминува својот живот заштитен од надворешниот свет: грижејќи се за градината на вилата на еден богат човек и гледајќи телевизија.
Кога конечно се нашол на улица, првата средба со реалниот свет му била насилник кој го нападнал со нож. Единственото нешто што нашиот херој знае да го направи во таква ситуација е да го извади далечинскиот управувач од џебот и да се обиде да го смени каналот. Ченс ќе преживее. Иднината на ЕУ, сепак, не е толку сигурна.
Во последниве години, Европа беше зафатена со обидот да го одбрани статус-квото кое, всушност, одамна заврши, зборувајќи на јазик кој повеќе не е разбирлив. Таа потроши енергија и пари во обид да го обнови светот кој веќе никогаш нема да се врати.
Сега европските демократии се на работ на нервен слом. Истовремено ним им се заканува гневот на гласачите и паниката на елитите. Гласачите сонуваат да ја казнат елитата, додека естаблишментот посакува да го смири електоратот.
Неодамнешната одлука на Уставниот суд на Романија да ги поништи резултатите од првиот круг на претседателските избори поради наводното странско мешање – иако веројатно и затоа што резултатите не им се допаднаа на владејачките партии – сугерира дека паниката на елитата може да стане поопасна од гневот на гласачите. Во меѓувреме, владите кои се соочуваат со надворешни закани се обидуваат да го мобилизираат националното единство, но тоа не им оди од рака.
Единствениот начин либералните Европејци да го надминат својот песимизам е да се обидат да разберат како и зошто биле изневерени од прекумерниот оптимизам на крајот од Студената војна. Сè додека не сфатат колку бил погрешен овој триумфализам на „крајот на историјата“, ќе бидат прогонувани од сеништето на распаѓањето.
Во трезвена ретроспектива, 1989 година повеќе не изгледа како одлучувачка битка на либерализмот. Тоа всушност беше година на големо ветување за радикалниот ислам. Таа година, исламистичкиот бунт (во Авганистан) за прв пат порази суперсила (СССР). Повлекувањето на советските трупи од Авганистан се покажа како трансформативно – не само за исламистите, туку и за обичните Руси.
Кога независниот центар Левада ги праша Русите во 2019 година што значи 1989 година за нив, повеќето укажаа на понижувањето на советското повлекување, наместо, да речеме, на првите слободни избори во Полска по повеќе од 40 години или на падот на Берлинскиот ѕид. Сеќавањето на Русите од 1989 година беше обликувано не со крајот на комунизмот, туку со губењето на Москва на гламурот на суперсила.
Од денешна гледна точка, опстојувањето на комунистичкиот режим во Кина е позначаен историски маркер од неуспехот на комунизмот во Европа. Покрај тоа, подемот на таканаречените средни сили како Индија, Турција и Бразил е поважна сила што го обликува новиот геополитички пејзаж отколку ривалството меѓу САД и Кина.
Исто така, технологијата и демографијата – нашиот однос со вештачката интелигенција и стравот од намалување и стареење на населението – отсега натаму ќе бидат одредувачки фактори во обликувањето на националната политика, наместо идеолошката борба меѓу демократијата и автократијата.
Можеби ќе испадне дека најважното нешто што се случило во 1989 година е заминувањето на 17-годишниот Илон Маск од неговата родна Јужна Африка. Неговото искуство како млад белец во последните години од апартхејдот јасно влијаеше на неговиот сегашен политички став. Евоцирањето на Маск на насилството од секојдневниот живот во Јужна Африка во 1980-тите има одраз на дистописката визија на Трамп за современа Америка. Што друго ни останува освен да одиме на Марс?
Танцувањето на мелодија која постојано се менува може да биде исцрпувачки за либерално настроените Европејци, но може да биде и ослободувачко. Кога луѓето ќе погледнат наназад еден ден во 2024 година, сосема е можно ниту победата на Трамп, ниту подемот на авторитаризмот ширум светот да не изгледаат толку одлучувачки како што ни изгледаат денес. Лекцијата што Европејците треба да ја научат е дека историјата не е мажена за никого – таа е независна и често ги менува љубовниците. Така што, нема потреба од паника.
(Иван Крастев е претседател на Центарот за либерални стратегии од Софија и постојан соработник на Институтот за човечки науки во Виена. Текстот е објавен во „Фајненшел тајмс“.)