Лекарски здруженија во САД бараат Трамп да сподели податоци за Ковид-19

Членови на повеќе медицински здруженија апелираа до администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп да ги сподели клучните податоци за Ковид-19 со преодниот тим на новоизбраниот претседател Џо Бајден за да се избегнат непотребни одложувања во справувањето со пандемијата.

Во писмо членовите на медицински здруженија предупредуваат дека може да се случи нов бран смртни случаи од Ковид-19 во текот на зимата и дека ширењето на инфекцијата и бројот на хоспитализирани пациенти може да достигнат на највисоко ниво досега.

Тие потенцираат дека споделувањето информации поврзани со пандемијата е од клучно значење за спасување огромен број животи.

Писмото е испратено еден ден откако Бајден предупреди дека повеќе луѓе можат да умрат доколку претседателот во заминување Доналд Трамп продолжи да ја блокира промената на владата.

Во САД, бројот на заразени надмина 11 милиони во неделата, само осум дена откако беа потврдени повеќе од десет милиони случаи од почетокот на пандемијата. Локалните власти во неколку држави и градови воведоа нови ограничувања во обид да го спречат ширењето на инфекцијата.