Лекарската комора може да му ја одземе лиценцата на анестезиологот од Тетово најмногу до 7 години


Лекарската комора одлучи да покрене постапка за анестезиологот Ваљон Дервиши од Тетовската болница пред судот на честа. Обвинителот на Судот на честа на ЛК ја прифатил пријавата и доставил обвинение против.

-Со предлог да му изрече мерка за одземе на лиценцата за работа, согласно правните регулативи, информираа денеска од Лекарската комора.

Од таму се извинија на пациентките кои биле снимени, без да бидат прашани.

-По истекот на минималните временски рокови, Судот на честа ќе заседава за конечна одлука. Идната недела треба да има финална одлука. Законски е дозволено привремено одземање на лиценца до 7 години, ако нема судска пресуда, велат од Комората.

Додаваат дека трајно одземање на лиценца е по одлука на суд за несовесно лекување, што завршило со смртен исход на пациент.

43-годишниот лекар – анестезиолог од тетовското село Одри на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал. Министерот Фатмир Меџити побара одземање на лиценцата за работа, а случајот го пријави директорот на тетовската болница. Во меѓувреме, докторот се наоѓа во осумдневен притвор во затворот во „Шутка“.