Лекарската комора задоволна од измените во Законот

Лекарската комора на Македонија соопшти дека ги поддржува измените во Законот за здравствена заштита, кои, како што посочуваат, имаат за цел обезбедување подобра здравствена заштита и поквалитетни услуги, а на младите колеги им овозможуваат нормални услови за специјализација и нивна стручна надградба.

Од Лекарската комора посочуваат дека дел од измените се долгогодишни нивни заложби и барања.

– Во прв ред би истакнале дека со измените се скратува времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата, односно се елиминираа лихварските договори што им беа наметанти на специјализантите и се воведоа поповoлни и покоретни услови за специјализирање. За разлика од претходно кога докторот беше обврзан во установата да работи двојно повеќе од времето поминато на специјализација, сега е предвидено да одработи во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата. Исто така, намалена е и висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата, истакнуваат од Лекарската комора.

Многу важна измена за пациентите, но и за докторите, како што се наведува, е дека досегашното наплатување на услуга од дополнителна дејност се менува целосно. Зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник.

– На овој начин, ќе се овозможи избор на доктор со многу помали давачки за пациентите. Во услови на недостиг од кадар во јавно здравствени установи со новите одредби се дава можност кадар од една јавна здравствена установа да оди и пружа услуги на пациентите во друга јавна здравствена установа во општината во која живеат пациентите, за да не одат на друго место да користат здравствена заштита и услуга. Со ова, услугата ја станува подостапна до пациентите, стои во соопштението.

Според Комората, значајни се измените со кои на здравствените работници со високо образование корисници на пензија, им се овозможува легално да можат да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници, независно од местото на живеење.

– Со новите решенија во Законот се овозможува и директорите на установите да дежураат, а за тоа имаат право и надоместок. Целта е кадрите со големо искуство да може во целост да ги искористат своите капацитети за пружање здравствена заштита. Исто така, се бришат одредбите од Законот за здравствена заштита, кои се однесуваат на полагањето испит за директор на здравствена установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит, начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор, стои во соопштението.

Од Лекарската комора веруваат дека конструктивни новини ќе има и во Законот за лекарска дејност.