Лекарите во Коњиц во БиХ ги соблекоа белите мантили поради неисплатени плати


Здравствените работници во градот Коњиц во БиХ незадоволни од неисплатените плати, кои им беа ветени неколкупати, денеска ги соблекоа белите мантили и најавија раскинување на договорите за работа, пренесе Кликс.

Здравствените работници собрани пред Општата болница ги соблекоа белите мантили и како што јавува Фена се простија од долгогодишните работни места.

Азра Мушиновиќ, претседателка на огранокот на Стручниот синдикат на лекари по медицина и стоматологија на Здравствениот дом и Општата болница Коњиц, за Фена изјави дека се уште штрајкуваат и дека дел од лекарите веќе закажале разговори за работа во други здравствени установи.

„Се уште нема плата. Се надевавме дека до сега се ќе биде решено, но веќе немаме надеж“, изјави Мушиновиќ.

Белите мантили беа закачени на капијата пред болницата, додека здравствените работници си заминаа дома. Во болницата во тој град има 320 вработени.

Со заминувањето на сите здравствени работници во Коњиц паѓа комплетниот здравствен систем што може да предизвика несогледливи последици бидејќи автоматски ќе биде загрозен животот на сите граѓани на општината на кои ќе им биде потребна итна медицинска помош, јавија локалните медиуми.

Поддршка доаѓа и од колеги од Мостар и други делови на Херцеговина за да ја предупредат јавноста дека проблемот од Коњиц лесно ќе се прелее и во други здравствени установи.