Лекарите шокирани од брзината со која убива коронавирусот


Медицинските работници во САД велат дека се збунети и шокирани од брзината со која им се влошува состојбата на заболените од Ковид-19. На наглото влошување не се имуни ниту младите и здрави пациенти.

Еден медицински работник вели дека тоа е „ненормално“, друг вели дека му предизвикува параноја. Брзината со која состојбата на пациентите се влошува и умираат од коронавирусот е шокирачка дури и за искусни лекари и медицински сестри кои не можат да откријат како да ги запрат таквите ненадејни влошувања.

Пациентите „изгледаат добро, се чувствуваат добро, а потоа ќе се свртиш за момент и одеднаш веќе не реагираат“, вели Дијана Торес, медицинска сестра во болницата Маунт Синај во Њујорк, епицентарот на пандемијата во САД.

„Параноична сум. Се плашам да излезам од нивната соба“, вели таа.

Не се само постарите или пациентите со хронични болести тие кои во еден момент се чувствуваат добро, а веќе во следниот се полумртви. Може да им се случи и на млади и здрави, исто така, велат здравствени експерти.

Млада жена неочекувано починала додека медицинската сестра Лори Даглас била на смена во болница во Батон Руж, Луизијана. По 34 години искуство, Даглас вели дека вообичаено „има интуиција кој ќе се предаде, а кој ќе се подобри“.

„Но сега тоа искуство ништо не значи“, вели Даглас. „Минатата недела, таа си ја планираше свадбата. Неделава нејзиното семејство планира погреб“, вели таа алудирајќи на починатата пациентка.

Пациентите можат да влезат во болница со високо ниво на кислород и нормално да разговараат, вели доктор во итна нега во Презбитеријанската болница во Њујорк, а веќе по неколку часа да не можат да дојдат до здив и да мораат да бидат ставени на респиратор.

„Најстрашното е што нема никакви правила“, вели лекарот кој инсистира на анонимност.

Вакви ситуации се забележуваат насекаде во светот откако со Ковид-19 се заразија над 1,5 милиони луѓе. Наглите промени на полошо најверојатно се резултат на „претераната“ реакција на имунолошкиот систем додека се бори против вирусот, вели д-р Ото Јанг, специјалист за инфективна медицина во Универзитетскиот центар во Лос Анѓелес. Оваа цитокинска бура се случува кога телото произведува премногу имунолошки клетки со нивните активирачки делови наречени цитокини, што предизвикува зголемен крвен притисок, оштетување на белите дробови и откажување на органите.

Лекарите велат дека имаат ограничен успех во спасувањето пациенти на кои им е потребна интубација- дишење преку механички апарати.Лекарот од итната медицинска помош во Презбитеријанската болница во Њујорк вели дека повеќе пациенти од вообичаено умираат додека се на машините. Точните бројки се уште не се познати додека пандемијата е во својот ек, а болниците често работат во хаотични услови.

Некои болници експериментираат со недокажани лекови во надеж дека ќе им помогнат на пациентите, како анти-маларискиот лек хидроксихлорокин.
„Ние всушност на пациентите им даваме се што ќе ни дојде при рака“, вели лекарот од Њујорк. (Дојче Веле)