Лекарите на крај на сили, системот може да колабира


Фото: Б. Грданоски

Лекарите и медицинските сестри во болниците што го носат главниот товар со епидемијата се жалат  дека се преморени. Иако деновиве добија помош од внатрешноста , и натаму се соочени со долги и стресни дежурства, со тешки случаи и се пополни болници. Покрај тоа што расте бројот на заразении на хоспитализирани лица на Клиниката за инфективни болести и во Градската болница „8 Септември“, расте бројот и на заразени медицински лица. Само во Градската општа болница „8 Септември” има 36 медицински лица заразени со коронавирус, а кои шестмина се доктори, тројца анастезиолози и тројца интернисти. Заразени се и 25 медицински сестри, сите ангажирани на одделенијата каде се лекуваат позитивни и сомнителни случаи, а покрај тоа и пет болничари. За уште четворица анестезиолози се чекаат резулати од контролен тест. Докторите предупредуваат дека ако кривата продолжи да расте, системот ќе колабира.

Доктор Фадиљ Цана, еден од лекарите специјалисти на Инфективната клиника,за Радио Слободна Европа ја потврди оваа слика од секојдневната работа во клиниката. Според него, целата работа е сконцентрирана на Инфективната клиника, дека веќе подолго време „кубурат“ со кадар, а посебно е револтиран на тоа што на другите клиники не се примаат пациенти, додека тој и неговите колеги се претрупани со работа.

„Целата концентрација е кај нас и сите солат памет. Сите гледаат сеир. Нам ни требаат средства. Без алат, нема занает! Ви требаат основни материјали. Ако немате централен кислород, што ќе правите? На луѓето им треба кислород со боци. Кој ќе биде тој кој цело време ќе внимава дали има доволно кислород во боцата на пациентот? Додека ти пружаш помош на ургентен случај, тој од другата страна кој мислиш дека е стабилен, во меѓувреме помодрел и починал зошто му завршил кислородот во боцата?“, вели Цана за Радио Слободна Европа.

Според него, во моментот само 12 луѓе го носат товарот на целата клиника, а дополнително, здравствениот систем брои заразени и во своите редови.Како поддрѓка Министерството за здравство веќе испрати 27 медицински сестри од здравствените установи низ земјава на Инфективната клиника во Скопје, а во ГОБ „8 Септември“ 27 медицински сестри и двајца интернисти. Но, доктор Цана се сомнева дека колегите од внатрешноста ќе ја поправат моменталната состојба.

„Тие како да се паднати од Марс. Донесени од Кочани, од Битола, од Кичево…Сестри кои не се обучени за таа работа. Можноста тие да се заразат е скоро иста како и на населението. Тие не знаат основно како да се облечат или соблечат со заштитната облека. Тоа требало со месеци да ги обучуваат, а не вака,“ вели доктор Цана.