Лекар ја откри главната причина за влошената состојба на Михаел Шумахер


Познатиот швајцарски невролог Ерих Ридерер ја откри тажната вистина за Михаел Шумахер, кој претрпе страшна несреќа на скијање кон крајот на 2013 година.

Во документарецот „Михаел Шумахер: Во потрага по вистината“, емитуван на францускиот канал „РМЦ стори“, тој рече дека главната причина за влошената состојба на шампионот е доцнењето на помошта од првиот медицински тим и сугерираше дека Германецот никогаш нема да се подобри.

– Вистината е, тие чекаа премногу долго за да ја олеснат состојбата на неговиот мозок. Ние неврохирурзите секогаш велиме дека мозокот нема време и дејствуваме веднаш кога има проблем со него. Токму ова одложување сега влијае на Шумахер. Мислам дека вегетативната состојба во која е е најдобрата што може да ја има и веројатно нема да се подобри. Тој е буден, но не реагира, дише, срцето му чука, но ништо повеќе, коментира експертот.

Неговата изјава сигурно нема да им се допадне на милиони фанови на Германецот, кои 7 години чекаат на денот кога ќе се опорави и повторно ќе излезе пред нив.