Лејкерси се пласираа во првото конференциско финале од ерата на Коби


Еден од главните фаворити за титулата во НБА – Лос Анџелес Лејкерс го помина својот втор тест на патот до златото. Леброн Џејмс и компанија го победија Хјустон Рокетс со 119:96 (35:20, 27:31, 33:18, 24:27) во петтиот натпревар од својата полуфинална серија и продолжуваат во следната фаза по вкупен резултат 4-1 во победи.

Лејкерси стигнаа до финалето на конференцијата за прв пат по 10 години, кога тимот од Калифорнија беше предводен од легендите Коби Брајант и Пау Гасол. Лејкерси го чекаат победникот во серијата меѓу градскиот ривал Л.А. Клиперс и Денвер Нагетс во спорот за место во големото финале.

Леброн Џејмс забележа „дабл-дабл“ од 29 поени, 11 скокови и 7 асистенции, Кајл Кузма постигна 17 поени од клупата, Маркиф Морис запиша 16, Дени Грин одигра еден од неговите најсилни натпревари во плејофот, постигнувајќи 14 поени со 4/6 прецизност од тројка, а Ентони Дејвис немаше своја вечер, но на крај запиша „дабл-дабл“ зад своето име – 13 поени и 11 скока.

Џејмс Харден се обиде да го предводи Хјустон со 30 поени, 6 скока и 5 асистенции, но не доби доволно помош од соиграчите. Џеф Грин постигна 13 поени од клупата, а Расел Вестбрук беше задржан на 10 поени и 4/13 шут од игра. Лош учинок забележа и Ерик Гордон со само 5 поени.