Легендите на екс-ју кошарката ќе се соберат во Скопје во чест на Лазо Лечиќ


Осумдесеттиот роденден на Лазар Лечиќ ќе биде уникатен повод во Скопје да се собере дел од кошаркарската елита од поранешна Југославија. Свечената академија која ќе се одржи по тој повод утре во хотелот „Александар Палас“ во 13 часот е во организација на Македонскиот олимписки комитет, Македонската кошаркарска федерација, кошаркарските клубови Работнички и МЗТ Скопје Аеродром како и Агенцијата за млади и спорт.

Гости на настанот ќе бидат Иво Данеу, Никола Плеќаш, Ратко Тврдиќ, Дамир Шолман, Немања Ѓуриќ, Драган Кичановиќ, Жељко Јерков, Дино Раѓа, Слободан Суботиќ, Блаж Котарац, Жарко Зечевиќ, Ратко Радовановиќ, Драган Ивковиќ, Момо Пазмањ, Бата Радовиќ, Драган Радосављевиќ, Благоја Георгиевски, Среќко Јариќ, Мирољуб Дамјановиќ, Марко Гвардијанчиќ и Бранко Ковачевиќ како и тренерите Мирко Новосел, Душан Ивковиќ, Божидар Маљковиќ, Братислав Ѓорѓевиќ, Богдан Тањевиќ.

„Ќе дојдат луѓе од цела Југославија, три месеци го организиравме овој настан, а иницијативата ја дадоа Георгиевски и Радосављевиќ. Понекогаш, во оваа држава не се почитуваат легендите. Овој случај е карактеристичен за Лечиќ. Се надевам дека ќе смогнеме сили и дека ќе организираме вакви настани за сите други спортски величини налик на популарниот ‘Грк’. Ќе имаме свечена академија со програма, на која ќе се обратат многу од тие историски играчи и личности. Лечиќ ќе добие одличја, а ќе има и посебна музичка манифестација“, изјави претседателот на МОК, Васил Тупурковски.