Легендарниот Славен Билиќ е новиот селектор на Хрватска


Загреб – Легендарниот Славен Билиќ ќе биде нов селектор на хрватската репрезентација, наследувајќи го Златко Далиќ на кормилото на „коцкестите“.

Билиќ се враќа на селекторската функција по повеќе од една деценија. Хрватска ја предводеше во периодот од 2006 до 2012 година, кога оствари неколку значајни резултати и остави силен белег во историјата на репрезентацијата.

Според информациите, тој ќе потпише договор до завршувањето на Европското првенство во 2028 година. На селекторската позиција доаѓа по богата меѓународна тренерска кариера, а последните две години беше без ангажман, откако се раздели со клуб од Саудиска Арабија.

Во текот на својата тренерска кариера најдолго работеше во Англија, каде што најголем успех имаше со Вест хем. Ги предводеше и Вест бромвич албион и Вотфорд, а беше тренер и на Бешикташ, Локомотив Москва, како и на клубови од Саудиска Арабија и Кина.

Хрватските медиуми наведуваат дека Билиќ веќе го формирал својот стручен штаб, иако засега не се откриваат имињата на неговите соработници.

Пред него е сериозен предизвик да ги продолжи успесите што ги остави Далиќ, но и да започне нов циклус без Лука Модриќ.