Легендарниот југословенски голман Пантелиќ ја загуби битката со коронавирусот


Србија– Легендарниот југословенски и српски голман Драган Пантелиќ почина на 69-годишна возраст, како резултат на инфекција со коронавирус. Славниот чувар на мрежата утрово ја загубил битката со ковид-19, потврдуваат српските медиуми.

Пред неколку дена, Пантелиќ бил примен во Универзитетскиот клинички центар во Ниш, поради здравствени компликации, а за жал не помогна ниту борбата на лекарскиот тим.

Славниот чувар на мрежата мина десет години во Раднички, а речиси е неверојатно што постигна дури 29 гола за клубот од „Чаир“. Особено легендарен е погодокот што го постигна од својот шеснаесетник на натпреварот против Вележ, кога ја затресе мрежата на Енвер Мариќ.

По една деценија во Раднички (1971-1981), Пантелиќ се пресели во Бордо (1981-1983), а потоа се врати во Тимок, каде и ја заврши кариерата во Раднички во сезоната 1984/85. За репрезентацијата на Југославија одигра 19 натпревари и постигна два гола. Пантелиќ учествуваше на Светското првенство 1982 година во Шпанија.