Леди Гага ќе ја глуми вдовицата на убиениот шеф на „Гучи“


САД– По филмот „Ѕвездата е родена“, поп-ѕвездата Леди Гага е подготвена за нова улога – сопруга на убиениот наследник на модната династија Гучи, позната под прекарот „Црна вдовица“ .

Имено во филмот за еден од најстрашните злосторства во историјата на Италија забележан во високото друштво, Гага ќе ја глуми Патриција Реџијани, која одлежа 18 години затвор поради нарачка на убиство на сопругот Маурицио Гучи во 1995 година во Милано. Таа беше ослободена од затвор 2016 година. Според информациите, филмот треба да го режира и продуцира Ридли Скот, но тоа сè уште не е потврдено од нивните портпароли.  Насловот и датумот на премира не се познати, но ќе биде работен според книгата „Куќата Гучи: сензационална приказна за убиство, лудило, гламур и алчност“.

ПР продукцијата уште не е почната, бидејќи Скот моментално го завршува најновиот филм „Последниот дуел“.

Приказната за животот на Патриција Реџијани, родена пред 50 години во Милано, од гламурозниот брак со Маурицио, наследникот од династијата Гучи, до туморот на мозок и скандалозната пресуда, е вредна да се види на големото платно.  Таа излезе од затвор по 18 години иако беше осудена на 29 години робија. Со нејзе во затвор беа и тројцата соучесници, меѓу кои и убиецот кој во 1995 година пукаше во Маурицио во неговата канцеларија.

– Не сум виновна, но не сум ни невина. Сè што се случи беше недоразбирање – рече минатата година Реџијани во серијата „Пипл Магазин истражува: Модни криминали“.

Кога се венчале во 1973 година и двајцата имале по 24 години, а во бракот добија две ќерки Алегра и Алесандра.

– Маурицио се чувстваше слободен со мене. Се забавувавме, бевме тим. Бевме прекрасна двојка и имавме убав живот – изјави Патриција во едно интревју во 2016.

Богатите сопружници уживаа во луксузен живот исполнет со патувања и уживање во домовите на Сент Мориц, Акапулко и Конектикат. Сето тоа се смени во 1985 година кога Маурицио ја напушти Патриција за младата дизајнерка на интериер Паола Франчи и во 1991 година се разведоа.

Следната година на Патриција ѝ беше отстранет тумор од мозокот, а во 1998 година по тајната полициска акција во која биле прислушувани телефони, судено ѝ е за убиството на Маурицио извршено во 1995 година.

Прогласена за „Црна вдовица“, Патриција на суд призна дека на пријателката Пина Ориема ѝ платила 200.000 фунти, но негираше дека тие пари биле наменети за убиецот. Додека стоеше во судницата на местото за испрашување сведоци, Реџијани додаде: „Но, вредеше секоја лира“.

Позната по скандалозните изјави, Патриција откако беше пуштена од затвор, во едно интервју на прашање од новинарот зошто сама не пукала во Гучи ќе изјави: „Не ми е добар видот, не сакав да промашам“, за да подоцна рече дека само се шегувала.