Леброн Џејмс стана првиот играч со 40.000 поени во НБА


Денвер Нагетс го победи Лос Анџелес Лејкерс со 124:114 во натпревар во кој Леброн Џејмс стана првиот кошаркар во историјата на НБА со 40.000 поени во кариерата.
Кралот Џејмс натпреварот го заврши со 26 поени, девет асистенции и четири скока и беше најефикасен во тимот, но ниту тоа не му помогна да ги совлада одличните Нагетс.

Го следеа Ривс со 19 поени, 14 асистенции и два скока, а Дејвис и Расел со по 17 поени. Дејвис додаде 11 скока и две асистенции, а Расел три скока и една асистенција.

Кај актуелните шампиони Никола Јокиќ беше најдобар со 35 поени, десет скока и седум асистенции, додека Портер додаде 25 со десет скока и четири асистенции. Мареј го заврши натпреварот со 24 поени, 11 асистенции и шест скока, а Гордон додаде 18 со девет скока и пет асистенции. Двоцифрен беше и Холидеј со 13 поени, три асистенции и два скока.

На натпреварот присуствуваше и Новак Ѓоковиќ кој се наоѓа во САД каде се подготвува за Мастерсот во Индијан Велс, а по мечот имаше срдечен поздрав со својот сонародник во дресот на Нагетс.

Покрај Ѓоковиќ, на натпреварот беше и легендата на Лејкерс, Владе Дивац, кој исто така срдечно го поздрави Јокиќ.