ЛДП згрозена: Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ мавта со лично медицинско досие


 

Опозициката ЛДП денеска соопшти дека е згрозена од тоа како портпаролот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера на јавноста од партиската говорница покажуваше лично медицинско досие на лице. На Ива Михаилова. И со тоа, тврди ЛДП, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го допрела новото институционално дно.

„Наместо МВР и Министерството за правда да дадат одговори и понесат одговорност за тоа како лице со одземени пасоши и судски забрани прошета низ граница без печат, партискиот портпарол излезе на прес-конференција и јавно мафташе со украдено лично медицинско досие, отпусни писма и доверливи дијагнози на пациент!

Ова не е само политички аматеризам и теории на заговор, ова е директно прекршување на законите и тешко кривично дело! Партијата на власт свесно го прекрши Законот за заштита на личните податоци, Законот за заштита на правата на пациентите и Кривичниот законик (Член 149 – Злоупотреба на лични податоци). Од кои клиники и од чии фиоки ВМРО-ДПМНЕ неовластено извлекува и дистрибуира доверливи лекарски извештаи за дневни политички пресметки? Дали секој граѓанин во Македонија утре треба да се плаши дека неговото медицинско картонче ќе заврши на партиска говорница ако така им одговара за нивните пропагандни конструкции?“, велат од ЛДП.

Партијата бара итна акција од институциите:

– Основното јавно обвинителство веднаш, по допрен глас, да отвори постапка за неовластено прибавување и објавување на доверливи лични и медицински податоци против сите вклучени функционери и партиски портпароли.

–  Агенцијата за заштита на личните податоци уште денес да започне вонреден инспекциски надзор во здравствените установи од каде што е извлечен документот, како и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, и да изрече најстроги законски санкции.

„Правниот систем или ќе функционира или сѐ ќе се распадне. Ваков хаос не сме гледале до сега. ЛДП повикува на гласност на сите разумни сили во земјата затоа што државата ни се претвори во Див Запад, каде што партиските централи го газат правото на приватност, а заштитата на личните податоци постои само на хартија“, нагласуваат од партијата.