ЛДП возвраќа: Мицкоски сака да направи пуч во партијата

Од ЛДП велат дека „ДПМНЕ си дозволи да користи ниски методи за уцена на поединци“


 

Откако ВМРО-ДПМНЕ ја обвини Либерал-демократската партија и нејзиниот лидер дека поради тесни интересе ја поддржуваат коалицијата на СДСМ и ДУИ, од ЛДП излегоа со остра реакција дека Христијан Мицкоски се обидува да направи пуч во нивната партија.

„Ниту претседателот Горан Милевски, ниту пратениците, ниту кој бил друг член на раководството на ЛДП, не можете да ги заплашувате со вакви лаги кои ги пласирате преку соопштенија, бидејќи своите функции ги обавуваат чесно, во согласност со законите“, се вели во соопштението на ЛДП.

Оттаму појаснуваат од каде доаѓаат обвинувањата: „Јасно е како ден дека актуелниот директор на Универзална сала, кој во јавноста ги пласира невистините за претседателот на ЛДП, е во тесна спрега со опозицијата.

Затоа, ЛДП, јавно ја повикува градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да ги објави финансиските извештаи за работењето на Универзална сала, особено делот за незаконско работење , за кој беше обвинуван актуелниот директор на прес-конференциите на ДПМНЕ, за време на изборната кампања.

Срамно е што киднапираната ДПМНЕ си дозволи да користи ниски методи за уцена на поединци со цел нанесување на штета на угледот на претседателот на ЛДП и инсталирање за нив ‘подобен’ претседател кој ќе ја реализира агендата за враќање на власт на нереформираното ДПМНЕ“, велат од ЛДП.

Директор на Универзална сала е Филип Аврамчев, висок функционер на ЛДП, кој пред вториот круг на локалните избори во Скопје јавно го поддржа Петре Шилегов.

Во соопштението се додава: „Довербата на граѓаните не можете да ја добиете со неоснована црна пропаганда кон политичките опоненти, туку само со проекти и активности. Заслепени од желбата да делите нови концесии за хидроцентрали, градежни маркици и милионски тендери, како во златните времиња на вашиот ментор Груевски, не ви овозможува да ја согледате реалноста во државата која незапирливо се реформира и нема да дозволи криминалците повторно да ја намирисаат власта.

Мора да разберете дека во политиката не се сите исти. Особено не се како вас, кои од Македонија направивте приватен криминоген вилает“.