ЛДП: Владата итно да го разреши Китановиќ – со коленичење ли пред премиерот ќе ја задржи функцијата во Агенцијата?
ЛДП реагира што три дена му беа потребни на Далибор Китановиќ за конечно да објави неискрено полуизвинување во кое ги измеша сопственото семејство, целиот народ и својата партија, според нив, обидувајќи се невешто да го скрие фактот дека ги прекрши законите на оваа држава кои мора да важат за сите поддеднакво.
-Тоа што директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците се обидува да се испере преку ставови и семејни трауми — кои немаат апсолутно никаква врска со неговата улога како државен функционер — е само уште еден крунски доказ за неговата тотална некадарност и неспособност за оваа позиција. Во сериозна и правна држава, по тешка грешка која директно се коси со Кривичниот законик, работата не завршува со детски и патетични изговори од типот: „Извини премиере, јас те сакам најмногу на свет, немој да ми се лутиш, еве објавив извинување, само задржи ме на функција“.
Ваквиот недоличен пристап не смее да помине ниту како урнек за граѓаните, затоа што тоа е опасно како пример и ниту важи, ниту смее да важи за обичните граѓани кои веднаш се соочуваат со силата на законот. Не смее да има привилегирани функционери под заштита на премиерот.
Прашањето до премиерот и раководството на државата е повеќе од јасно: треба ли да чекаме нова грешка, нови скандали и уште поголеми тензии во општеството за конечно некој да понесе вистинска одговорност? Што стана со најавите пред некоја година за одлучно водење на Владата? Што стана со новиот стил на раководство? Зарем да се задоволиме дека добивме полоша усовршена верзија од таа која беше критикувана?
Во овој момент веќе не се бара доброволна оставка, туку се бара решителност од Владата и итно разрешување на директорот кој самиот си ја призна грешката. Македонија има способни, одговорни и професионални кадри кои можат одлично да ја извршуваат оваа функција и да негуваат вистинска хармонија меѓу заедниците, наместо да предизвикуваат противзаконска хистерија и поделби меѓу граѓаните. Законот мора да важи без исклучок, а Китановиќ мора да биде разрешен веднаш, бараат од ЛДП.
Китановиќ објави фотографија на која Младиќ е прикажан заедно со личности од српската историја, меѓу кои и Дража Михајловиќ, со натпис „Генерали на небеската војска“. Тој сега вели дека спорната објава ја избришал речиси веднаш и нагласува дека никогаш немал намера да навреди или понижи припадник на кој било народ, вера или етничка заедница.
Во своето обраќање, Китановиќ наведува дека целиот свој живот го градел врз почитување на човекот, соживотот и солидарноста, без оглед на националната, верската или етничката припадност.
Истовремено, тој не се откажува од, како што вели, „вистината на сопственото семејство“. Според Китановиќ, дел од неговото најблиско семејство во Босна и Херцеговина преживеало воени околности благодарение на единици предводени од Ратко Младиќ. Тој нагласува дека личното чувство на благодарност поради тоа не значи негирање или омаловажување на туѓите жртви, болка и загуби.
Китановиќ оценува дека реакциите по неговата објава ги надминале границите на легитимната критика и прераснале во, како што наведува, „организирана политичка и медиумска пресметка“, јавно жигосување и обид за политички линч.
„Јас сум подготвен да ја понесам одговорноста за секој свој збор. Но нема да ја понесам одговорноста за туѓите манипулации со моите зборови“, наведува Китановиќ.
Тој упати и директно извинување до премиерот Христијан Мицкоски и членовите на Владата, бидејќи, како што вели, поради неговата објава биле непотребно вовлечени во политичка пресметка.

„Искрено му се извинувам на претседателот на Владата, господинот Христијан Мицкоски и на членовите на Владата, кои поради мојата објава беа непотребно вовлечени во политичка пресметка и изложени на напади за нешто за кое не сносат никаква одговорност“, порача Китановиќ.
Тој вели дека е подготвен да се извини доколку со објавата повредил некого, но истовремено порача дека нема да се откаже од сопственото достоинство, семејното сеќавање и политичките убедувања.
Обраќањето го заврши со порака дека конечниот суд, според неговите зборови, не им припаѓа на политичките штабови или медиумите, туку на Господ, цитирајќи стих од книгата на пророкот Исаија.