ЛДП покрена петиција за електронска нараквица – се потпишаа 15.000 граѓани за три дена!


 За помалку од три дена, 15.000 граѓанки и граѓани ставија свој потпис на петицијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) за итно воведување електронска нараквица за сторителите на семејно насилство.

– Ова веќе не е само иницијатива, ова е општествен фронт што секојдневно расте и кој јасно им порачува на властодршците – продолжуваме да се потпишуваме за ДА ЗНААТ ДЕКА НЀ ИМА МНОГУ! Секој нов потпис нè носи чекор поблиску до побезбедна земја во која насилниците ќе носат електронска нараквица, а жртвите ќе ја имаат заштитата што државата е должна да им ја обезбеди. Срамно е што парламентарното мнозинство и понатаму молчи пред барањето на 15.000 граѓани, криејќи се зад процедури додека жените во Македонија секојдневно живеат во страв. Граѓаните веќе ја донесоа одлуката – тие бараат акција, а не политички калкулации и изговори што не држат вода.

ЛДП јасно порачува: нема да застанеме додека ова законско решение не биде изгласано во Собранието по итна скратена постапка, како што знаете да направите кога ви е од корист!

Ги повикуваме сите граѓани кои сè уште не се потпишале, да се приклучат на петицијата и да го дадат својот глас за превенција што спасува животи. Секој глас е глас против насилството, а народниот притисок е премногу силен за да можете да продолжите да го игнорирате, се вели во соопштението на ЛДП.

Нараквицата би ја предупредувала жртвата и би ги алармирала надлежните штом насилникот се приближи поблиску од законски дозволеното растојание – покрај забраната за приближување што веќе се изрекува.Истата мерка Собранието ја одби двапати за една година. Првиот пат, со образложение дека се потребни „подетални анализи“. Вториот пат, на 18 март, од 97 регистрирани пратеници „за“ гласаа само 27. Каде се анализите што ги бараше мнозинството?

Бројките за кои не треба анализа ги има МВР. Од јануари до септември 2026 година се регистрирани 1.337 кривични дела од областа на семејното насилство – речиси пет на ден. Од 1.433 жртви, 1.144 се жени. Полицијата во истиот период примила и 3.869 поплаки за семејно насилство за кои не била поднесена кривична пријава. Уште на 5 март претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека институционалната превенција доживеала пораз, бидејќи само во првите два месеци од годината биле регистрирани четири фемициди.

Иницијативата повторно се отвори по смртта на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци. Според организаторите на денешниот протест против фемицидите во Скопје, девојката претходно пријавила насилство и закани по живот, а биле изречени и мерки за заштита. Мерката постоела на хартија – токму празнината што нараквицата би требало да ја пополни.